Борусија Менхенгладбах ја прекина победничката низа на Баерн Минхен и нивниот тренер Јуп Хајнкес, откако ги совладаа на „Борусија-Парк“ со 2:1.
„Ждребињата“ можеби последните сезони не се вистински ривал на Баерн, но остануваат стариот традиционален ривал на најмоќниот германски тим, и овојпат со „шок-терапија“ од пет минути беше решен победникот.
Прво Торган Хазар од пенал во 39. минута го совлада Свен Улрајх, пред Матијас Гинтер во 44. минута да ја искористи лошата реакција на одбраната на „Баварците“ за да го зголеми водството на 2:0. До крајот на мечот, Баерн успеа само да намали на 2:1 преку Артуро Видал со одличен гол од над 25 метри.
Со овој резултат само се „згусна“ распоредот на табелата во Бундеслигата – Баерн останува прв со 29 поени, три повеќе од Лајпциг, Шалке е трет со 24, колку што има и Борусија Менхенгладбах, додека Дортмунд се петти со 21 поен по „колапсот“ во дербито со Шалке.
Поразот е прв за Хајнкес откако го презеде кормилото на „Баварците“ по отпуштањето на Карло Анчелоти, а интересно доаѓа во тимот во кој ја помина играчката кариера и чија легенда е.