Top Sport

Баварската „машина“ против (пре)богатите Парижани за европската титула

Импресивниот Баерн Минхен ќе игра за својата шеста европска титула против богатиот и опасен Пари Сен-Жермен во „мега-финале“ во Лисабон, откако Баварците со 3:0 го победија Лион во второто полуфинале од Лигата на шампионите.

„Четата“ на Ханси Флик влегува во ова големо финале како мал фаворит, посебно по „застрашувачките“ 8:2 против Барселона во четврт-финалето, но и поради искуството кое го има најпопуларниот германски клуб. Сепак, во борбата за трофејот од другата страна ќе биде тим полн со супер-ѕвезди, предводен од Нејмар и Килијан Мбапе, двајцата најскапи фудбалери на светот, кои се гладни за својата прва европска „ѕвездичка“.

Против Лион, тим кој успеа да ги елиминира гигантите Јувентус и Манчестер сити на патот до полуфиналето, патникот во финалето беше одлучен во првото полувреме, благодарение на фантастичниот оваа сезона, Серж Гнабри, кој постигна два гола и покажа дека сезоната 2019/20 е негова најдобра во кариерата, што не е лошо за 25-годишниот Германец, кого во Арсенал го сметаа за неталентиран и „вишок“ во клубот, а сега има вкупно 9 гола во 9 меча од Лигата на шампионите оваа сезона.

Во 18. минута, Гнабри имаше фантастична соло акција, и од работ на шестнаесетникот упати „бомба“ која голманот Антони Лопеш едноставно не можеше да ја фати. Во 33. минута, по една мешаница пред голот на Лион и обидот на Роберт Левандовски, Гнабри се најде на вистинско место за да „забие“ за 2:0. Овојпат Баерн можеби не успеа да стигне до осум гола, но тоа не значеше дека тие не се трудат – имаа над 65 отсто од поседот на топката, пред Роберт Левандовски во 88. минута постигна гол за печат на победата.

Scroll to Top