Top Sport

Бејл со хет-трик го однесе Реал во финалето (видео)

Велшанецот Герет Бејл повторно се покажа како фудбалер за големи натпревари, откако постигна хет-трик против азискиот шампион Кашима антлерс за 3:1 победа во полуфиналето на Светското клупско првенство во Абу Даби.

Бејл, кој стрелаше и во финалето на Лигата на шампионите во мај, не дозволи Кашима да направи изненадување, постигнувајќи прво гол во 44. минута, а потоа два за само две минути (53. и 58. минута) за да им обезбеди финале на „кралевите“ против Ал-Аин од Обединетите Арапски Емирати, кој вчера го изненади јужноамериканскиот шампион Ривер Плата.

Шома Дои во 81. минута од мечот намали на 1:3, гол што мораше да почека на потврда од ВАР технологијата.

Финалето ќе се игра во сабота, кога Реал ќе оди на четврта титула во натпреварувањето, воедно и трета едноподруго. Кашима ќе игра со Ривер Плата за третото место.

Фото: ЕПА

Scroll to Top