Top Sport

Мурињо: Јунајтед имаат иднина без мене, јас имам иднина без нив (видео)

Жозе Мурињо проговори по отказот кој го доби од Манчестер јунајтед, велејќи дека тој и клубот ќе „преживеат“ еден без друг.

Португалецот ги предводеше „ѓаволите“ до трофеј од Лига Европа и Лига купот во двете и пол сезони на чело на клубот, но не успеа да се „спаси“ од лошиот старт на сезоната 2018/19 и е заменет привремено до крајот на сезоната од Оле Гунар Солскјер.

Откако беше следен од новинарите при заминувањето од неговата куќа во Лондон, Мурињо одговори на прашањата на „Скај спортс“.

„Ме знаете мене, јас не се менувам. На пример, сега ќе го направам истото како кога си заминав од Челси. Ќе ги задржам убавите работи и нема да зборувам за случувањата во клубот. Можам да го направам тоа, но тоа не сум јас. Манчестер јунајтед имаат иднина без мене и јас имам иднина без Манчестер јунајтед. Тоа е готово, тоа сум јас, и така било секогаш. Секогаш сум ги критикувал менаџерите кои ќе си заминат и потоа зборуваат за деталите, пренесуваат вина. Јас не сум таков. Додека не се вратам во фудбалот, мислам дека имам право да го живеам мојот нормален живот“, одговори Мурињо.

Покрај оваа изјава, подоцна Мурињо објави и јавно соопштение до јавноста.

„Бев бескрајно горд што го носев грбот на Манчестер јунајтед од првиот ден кога пристигнав и верувам дека сите навивачи на Јунајтед ќе го препознаат тоа. Како и кога работев во претходните клубови, имав соработка со некои прекрасни луѓе со кои ќе останам пријател цел живот. Сите сте свесни за моите професионални принципи. Кога ќе се затвори поглавје од кариерата, ќе ја покажам потребната почит и нема да ги коментирам поранешните колеги. Се надевам дека и медиумите ќе ја почитуваат таа одлука додека не се вратам во фудбалот. Честит Божиќ“, се вели во соопштението на Португалецот.

Scroll to Top