Top Sport

Бејл: Уживам кога играм за Велс

Герет Бејл признал дека повеќе ужива во фудбалот кога игра за Велс него за Реал Мадрид. Бејл нема одиграно натпревар за Реал од 5 октомври, кога се повреди настапувајќи за својот национален тим.

Иако Бејл беше повреден и не игра за Реал, тоа не му пречеше на селекторот Рајан Гигс да го повика во репрезентацијата за решавачките натпревари во квалификациите за пласман на ЕУРО 2020.

„Повеќе сакам кога играм за Велс. Во репрезентацијата сите зборуваме ист јазик, се чувствувам комотно“, рекол Бејл.

„Одлично се познавам со најголем дел од фудбалерите. Тоа ми создава чувство дека играм фудбал со другарите од малото. Сепак тоа не влијае на она што го прикажувам на теренот. Секогаш ќе давам се од себе, дали за клубот или за репрезентацијата“.

Бејл одговорил и на критиките од шпанските медиуми дека иако бил повреден сепак решил да игра за Велс.

„Работам нормално на тренинзите. Подготвен сум. Ќе се обидам да играм“.

Репрезентацијата на Велс в сабота ќе игра против Азербејџан.

Scroll to Top