Герет Бејл веќе одлучил каде ќе биде следната година и сигурно ќе замине од Реал Мадрид за кам-бек во Премиер лигата, во тимот на Манчестер јунајтед, тврди британскиот „Мирор“.
Според британскиот весник, колегите на Бејл од Мадрид се „убедени“ дека тој решил да се врати во Премиер лигата по неколку сезони одбележани со повреди. Единствен начин за овој трансфер да не се случи е Зинедин Зидан да добие отказ од местото тренер на Реал, бидејќи Велшанецот верува дека тој е неговата најголема „пречка“ за среќен живот во Мадрид.
Манчестер јунајтед подолго време се заинтересирани за неговите услуги, и кога Реал и Јунајтед го играа европскиот Суперкуп во Скопје минатото лето, главна тема кај сите новинари од островот беше „подготвениот“ трансфер на Бејл.
Тотенхем и Челси исто така би биле заинтересирани, но останува да се види дали тие би биле подготвени да ја платат високата цена за Бејл, која ќе дојде до 100 милиони евра, речиси исто колку што платија „Лос бланкос“ за него. Останува да се види дали оваа сага ќе има крај во текот на летото.
Фото: ЕПА