Агентот на Леон Бејли и негов очув Крег Батлер открива дека талентот на Баер Леверкузен ја одбил понудата да игра за Јамајка и е подготвен да чека повик во германската репрезентација кога ќе се квалификува за државјанство.
Синовите на Батлер, Бејли и Кајл Батлер беа повикани за настап за земјата во која се родени за пријателскиот меч против Антигва и Барбуда, но нема да играат на дуелот на 25 март. Наместо тоа, тие ќе се фокусираат на клупската кариера поради разочараноста од состојбата на фудбалот во Јамајка.
Батлер претходно најави дека Бејли може да настапува и за Англија пред Светското првенство во Русија, но засега останува јасно дека тој не ги исполнува условите за настап за „трите лава“. Белгија не е опција, бидејќи Бејли играше и живееше само две години таму, така што 20-годишниот останува да чека на Германија.
Според правилата на ФИФА, играч мора да живее пет години за да може да биде повикан во одредена репрезентација, но за Германија овој рок е осум години, што значи дека Бејли би имал 27 години кога би можел да настапи за актуелните светски шампиони.
„Леон и неговиот брат добија покани од јамајчанската репрезентација. Јас ја сакам мојата земја и моите момци исто така. За жал, двајцата ја одбија понудата. Јамајка одбива да изгради национална програм за развој на фудбалот и затоа засега момците ќе се фокусираат на клупските кариери. Леон и Кајл имаат британско и португалско потекло, живееја во Белгија и ако останат уште неколку години ќе можат да играат за Германија. Има време“, вели Батлер во интервју за „Гол“.