Иако е во пензија речиси пет години, Дејвид Бекам уште заработува како најдобрите фудбалери во Премиер лигата, објавува британскиот таблоид „Сан“ откако доби пристап до даночните извештаи на легендата на Манчестер јунајтед.
Поранешниот англиски капитен секогаш бил миленик на рекламните компании, а тој честопати се „селеше“ во областите како модата, ТВ, индустријата за забава, и парите продолжуваат да доаѓаат.
Според „Сан“, Бекам заработи околу 29 милиони фунти во дивиденда од неговата компанија „ДБ венчрс“ во последните две години, односно 40.000 фунти дневно во тој период. 42-годишниот Англичанец доби 18.75 милиони фунти дивиденда во 2017, и 10.2 милиони фунти во 2016.
Бекам е заштитно лице на низа продукти, но во последно време најмногу пари добива од компанијата за облека „Х & М“, која го постави во низа реклами со комичарот Кевин Харт. Тука е и договорот со производителот на часовници „Брајтлинг“, и вискито „Хејг клаб“, додека во минатото работеше и со „Сеинсбјурис“, „Армани“, „Жилет“ и „Пепси“. Покрај ова, Бекам остана поврзан со „Адидас“, компанијата со која има „доживотен“ договор за спонзорство.
Проценките велат дека Бекам „вреди“ вкупно околу 300 милиони фунти, но ова е последица што „брендот Бекам“ ја вклучува и неговата сопруга Викторија, која има успешна модна компанија.
Бекс, сега, има нова „играчка“, откако конечно му беше дозволен стартот на новиот проект, МЛС клубот од Мајами, за кој тој ветува дека ќе го направи еден од најсилните во САД.