Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе одлука за продолжување на сезоната во Првата лига со скратен систем, а потврди дека и Беласица и Пелистер од следната сезона ќе бидат членови на елитата бидејќи првенството во вторите лиги нема да се продолжи, а тие се на првото место на табелата.
Сите одлуки на УО на ФФМ се следните:
– Управниот одбор на ФФМ го прифати предлогот на Комисијата за натпреварување за продолжување на натпреварувачката сезона 2019/2020 од Прва МФЛ која беше прекината во поради епидемијата COVID-19.
Според предлог прифатлив за најголемиот број клубови од Прва МФЛ, Комисијата за натпреварување предложи, а Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот, натпреварувањето во Прва МФЛ да се продолжи во скратен систем на следниот начин:
Одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување на одигрување на плеј-оф (првите шест екипи по завршување на третиот круг). Првопласираните три екипи по крајот од плеј-оф фазата се стекнуваат со право на учество во УЕФА европските натпреварувања.
Плеј-аут (последно пласираните четири екипи по завршување на третиот круг) без испаѓање на последните две екипи по крајот од плеј-аут фазата.
Одигрување на Купот на Македонија со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во УЕФА европските натпреварувања;
– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот на Натпреварувачката комисија на ФФМ за целосен прекин на натпреварувачката сезона 2019/2020 од Втора МФЛ. Исто така, Управниот одбор на ФФМ го прифати предлогот на Натпреварувачката комисија во Прва МФЛ од натпреварувачката сезона 2020/2021 да се натпреваруваат екипите кои во моментот на прекинот на натпреварувачката сезона 2019/2020 се на првото место на табелата од Втора МФЛ – Исток и Втора МФЛ – Запад;
Местата во Втора МФЛ – Исток и Втора МФЛ – Запад ќе се пополнат со одигрување на бараж натпревар помеѓу екипите кои во моментот на прекинот на натпреварувачката сезона 2019/2020 во Третите лиги се на првото место на табелата.
– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот на Комисијата за младински фудбал за целосен прекин на натпреварувачката сезона 2019/2020 во сите конкуренции;
– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот на Комисијата за женски фудбал за целосен прекин на натпреварувачката сезона 2019/2020 во сите конкуренции;
– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот на Комисијата за футсал за целосен прекин на натпреварувачката сезона 2019/2020 во сите конкуренции;
– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот на Комисијата за базичен фудбал за целосен прекин на натпреварувачката сезона 2019/2020 во сите конкуренции;
– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука Редовното Годишно Собрание на Фудбалската федерација на Македонија да се одржи на 20. или 27. јуни 2020. година во Скопје.
– Управниот одбор на ФФМ, исто така, го разгледуваше дописот од ИФАБ и ФИФА во однос на промената на бројот на замени на фудбалери на еден натпревар, а на дневен ред беше и барањето од Федерација за планинарство за поддршка на Илина Арсова за доделување награда за индивидуално спортско достигнување.
– Управниот одбор донесе и одлука за промена на почетокот на преодниот рок кој сега ќе започне на 3. август 2020. година.
Фото: ФК Беласица