Тренерот на Бенфика, Жозе Мурињо, призна дека постои можност за негово враќање во Реал Мадрид, но истакна дека во моментов е многу поблиску до останување во Лисабон.
Искусниот стручњак успеа да го разбуди португалскиот гигант и да го врати во борбата за најголемите трофеи, но титулата сепак не беше достижна. Изминатите две недели се повеќе се шпекулира дека тој ќе се врати на „Сантијаго Бернабеу“.
Мурињо откри дека неговиот агент, Жорже Мендеш, разговара со челниците на „кралскиот клуб.“
„Во моментов, 99 проценти останувам во Бенфика, бидејќи имам договор и понуда што сè уште не сум ја погледнал, но агентот ми рече дека станува збор за исклучително добра понуда. Во моментов немам ништо од страната на Реал Мадрид, но, повторувам, никој од нас не е наивен, единственото нешто што моментално постои се разговорите меѓу Жорже Мендеш и луѓето од Реал Мадрид“, рече Мурињо и дополни.
„Зависи од понудата, од тоа што сакаат од мене. Не станува збор за едно евро повеќе или помалку, туку за тоа што сакаат од мене, дали сум во можност да го исполнам она што го бараат, работниот профил што ми го нудат“.
Мурињо не ги криеше своите емоции кон Бенфика.
„Сакам да одвојам време да анализирам, да размислам и да одлучам сам. Бенфика е Бенфика и повеќе не можам да го кријам она што го чувствувам за Бенфика. Го криев тоа цела кариера, но сега не можам“, рече Мурињо.
Конечно, тој испрати јасна порака до навивачите на клубот од Лисабон.
„Бенфика е подготвена повторно да ги нападне трофеите“.
И покрај тоа што немаше ниту еден пораз, Бенфика ја заврши сезоната само на третото место, што значи дека ќе мора да се бори низ квалификациите за да стигне до Лигата на шампионите.
Фото/ Depositphotos
