Top Sport

Бенфика гостува на „Ноу Камп“, клучен меч за Барселона во ЛШ

Лигата на шампиони се враќа на стадионите со натпреварите од петтото коло во групите Е, Ф, Г и Х. Во центарот на вниманието ќе бидат тренерите на Барселона и Манчестер јунајтед, Чави и Мајкл Керик.

Чави, вечерва ќе дебитира како тренер во Лигата на шампионите, натпреварување кое како играч го освои четири пати во кариерата.

Барселона ќе ја пречека Бенфика, има императив на победа доколку сака пласман во нокаут-фазата. На табелата во Е групата Баерн е лидер со 12 бода, Барселона има 6, Бенфика 4, а Динамо Киев е веќе отпишан со еден бод.

Манчестер јунајтед, со в.д. тренерот Мајкл Керик ќе гостува во Виљареал. Ова е дуел на водечките екипи во Ф групата. Двата тима имаат по седум бода. Реми на овој меч посакуваат фудбалерите на Аталанта кои гостуваат во Берн, кај Јанг Бојс.

Манчестер јунајтед и Виљареал на табелата водат со по седум бода, Аталанта има пет, а Јанг Бојс три.

Интересна разврска, во последните две кола се очекува и во Г-групата. Салцбург ја предводи групата со седум бода, два повеќе од Лил и Волфсбург и четири од Севилја. Вечерва Салцбург гостува во Лил, а Волфсбург во Севилја.

Х-групата го носи дербито на вечерта, Челси и Јувентус веќе се во осмина-финалето, вечерва ќе се борат за првото место во групата. На Челси му е потребна победа од два гола разлика за да ја освои групата. Малме и Зенит водат борба за третото место.

Натпреварите Виљареал-Манчестер јунајтед и Динамо Киев-Баерн ќе започнат во 18.45 часот, останатите се во стандардниот термин од 21 часот.

Scroll to Top