Шпанскиот тренер Рафа Бенитез смета дека актуелниот тим на Ливерпул е подобар од тимот што тој го предводеше во 2005 година, кога „црвените“ ја освоија Лигата на шампионите.
Во 2005 година, во незаборавното финале во Истанбул, Ливерпул против Милан се врати по негативата од 0:3 и по изведувањето на пенали ја освои петтата европска круна во клупската историја.
„Остваривме тоа што го остваривме, сите зборуваат за истанбулското чудо, но овој тим е подобар. Ако зборуваме потрошените пари, мојот буџет тогаш изнесуваше 20 милиони фунти. Овој тим на Ливерпул вреди многу повеќе пари“, рекол поранешниот менаџер на Ливерпул, Бенитез.
„Секако дека го имавме Стиви, но имавме и искусни играчи како Чаби Алонсо, Диди Хаман…Имавме играчи кои работеа напорно, имавме добар баланс во тимот. Овој тим исто така има баланс, со тројца играчи во нападот што можат да направат разлика на теренот. Ние тогаш имавме можеби еден таков фудбалер. Кога станува збор за тимскиот дух мислам дека е ист и тогаш и сега. Меѓутоа кога станува збор за квалитетот, Ливерпул на Јирген клоп е подобар, особено во нападот“, рекол тренерот кој во кариерата работел и во Реал.
Бенитез на крајот проговорил и за шансите на Ливерпул против бранителот на титулата во Лигата на шампионите.
„Реал има искуство и квалитет, меѓутоа Ливерпул може да победи. Имаат интензитет, квалитет, желба и страст“, завршил Бенитез кој и во наредната сезона ќе биде менаџер на Њукалс јунајтед.