Top Sport

Бензема е неочекуваниот „спасител“ на Реал за ново големо финале (видео)

Карим Бензема, толку оспоруваниот напаѓач на Реал Мадрид, го дочека денот да биде херој на „Лос бланкос“, откако двапати го казни голманот на Баерн Минхен, Улрајх за со 2:2 реми во интересен меч да ги однесе домаќините до големото финале од Лигата на шампионите во Киев.

Баерн дојде на „Бернабеу“ да се надигрува со носителот на последните две титули од ЛШ по негативата од 1:2 од првиот меч, и во реваншот имаше повеќе од топката, повеќе од шансите, но не и повеќе од головите.

„Кралевите“ уште еднаш покажаа дека оваа сезона во ЛШ подобро играат на гости отколку дома, така што можеби е добро за нив што финалето е во далечниот Киев, каде што противник ќе им биде подобриот од дуелот Ливерпул-Рома (Англичаните имаат 5:2 од првиот натпревар).

Од друга страна Баерн скапо плати за грешките во одбраната, посебно при вториот гол на Бензема, а секако ќе жалат и за пропуштените шанси пред голот на одличниот Кејлор Навас, кој неколку пати спасуваше сигурен гол.

Мечот започна според посакувањата на Баварците, откако Џошуа Кимих уште во третата минута ја затресе мрежата на Реал, искористувајќи ја несмасната реакција на капитенот Серхио Рамос. Но, Реал бргу се созема и во 11. минута по одличните долги топки на Матео Ковачиќ и Марсело, Бензема се најде на вистинското место за да израмни на 1:1.

Двата тима играа атрактивно и израмнето со неколку шанси на двете страни до крајот на полувремето, oд која најопасна беше таа на Хамес Родригез, кој имаше шанса која беше потешко да се промаши.

Студен туш за Баерн по само една минута игра во второто полувреме, катастрофална реакција на Свен Улрајх, која Бензема ја казнува за да донесе 2:1 водство и да ги постави Баерн во позиција да им се потребни два гола за пласман во финалето.

Не дека, Баварците не се трудеа. Кејлор Навас неколку пати имаше одлични интервенции, а на нападот на Баерн му недостасуваше малку „острина“. Хамес Родригез успеа да врати еден гол за гостите во 63. минута, гол против својот поранешен тим, кој не го прослави. Голот кој значеше финале, сепак, не дојде, иницијативите на Баварците завршуваа лошо, за уште едно исфрлување од Реал Мадрид.

Scroll to Top