Top Sport

Бензема: Зидан ни кажа да уживаме во фудбалот

Карим Бензема вели дека Реал Мадрид ќе бидат супер-подготвени кога ќе продолжи сезоната во Ла лига, посочувајќи ја пораката на тренерот Зинедин Зидан да уживаат во фудбалот по (пре)долгата пауза поради корона вирусот.

По тримесечна пауза, Мадрид ќе се врати на теренот на 14 јуни против Еибар, откако Ла лига дозволи враќање на фудбалот без публика, и „кралевите“ се наоѓаат во добра ситуација, со само два поени зад Барселона. Бензема вели дека тие се подготвени.

„Пораката на Зидан е уживање. Уживајте во играњето фудбал. Оваа недела имаме повеќе контакт со топката, откако минатата недела работевме на фитнес тестови. Адаптацијата помина одлично, одиме чекор по чекор. Два месеци без игра со топка беа навистина тешки, но денеска игравме и натпревар. Едвај чекаме да се вратиме и да почнеме да победуваме“, вели Бензема.

Отсуството на гледачи ќе биде посебно чудно за Мадрид, кои играат пред 80.000 гледачи, а сега ќе играат на стадионот „Алфредо ди Стефано“, стадион со 8.000 седишта кој обично е седиште на тимот Кастилја, односно Б-тимот на Реал, додека траат градежните работи на „Сантијаго Бернабеу“.

„Секако дека ќе биде поинаку, а навистина ни требаат нашите навивачи. Се надевам дека ќе бидат пред ТВ екраните и ќе ни адваат енергија“, вели Бензема.

Scroll to Top