Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва во Варшава ќе игра против Полска во квалификациите за пласман на ЕУРО 2020. Првиот дуел на овие две репрезентации одигран во јуни во Скопје заврши со минимална победа на Полјаците.
Полска е лидер во Г-групата со 16 бода и со најголеми шанси од сите во групата да избори пласман на едно од првите две места. Македонија по победата над Словенија е на третото место со 11 бода, а на втората позиција се Австријците со 13 бода.
Значаен меч вечерва ќе играат Словенија и Австрија.
Добрата игра и победата над Словенија внесе оптимизам кај нашите репрезентативци дека во Варшава можат да забележат позитивен резултат. Атмосферата во националниот тим е добра што не може да се каже за здравствениот билтен.
Селекторот Игор Ангеловски вечерва нема да може да смета на Иван Тричковски, кој се повреди против Словенија, а под голем знак прашалник е и настапот на Аријан Адеми. Играчот на Динамо Загреб не го заврши дуелот со Словенија.