Германија на второто Светско првенство по ред доживеа дебакл, не успеа да се пласира во нокаут фазата. Избраниците на Ханси Флик загубија од Јапонија со 2:1 во групата, ремизираа со Шпанија 1:1, а не им беше доволна победата од 4:2 против Костарика во последното коло.
Германскиот фудбалски сојуз, попладнево треба да се сретне со селекторот Ханси Флик и да одлучи што понатаму. Германците се домаќини на Европското првенство во 2024 година, за кое имаат големи планови, а германските медиуми пишуваат дека Флик ќе остане селектор бидејќи федерацијата нема подобро решение.
„Билд“, денеска објави приказна, според која Флик е виновен за лошата атмосфера која владеела во Катар меѓу германските играчи.
„Репрезентацијата беше поделена на два клана. Во едниот беа играчите на Баерн, седум, а во другиот сите други. Флик ги фаворизираше играчите на Баерн, што внесе немир во тимот. Тоа беше видливо и на пат кон дома. Авионот во кој беа репрезентативците прво слета во Минхен и ги растовари играчите на Баерн, а во Франкфурт остатокот од тимот“, пишува „Билд“.
На денешниот состанок во Фудбалскиот сојуз на Германија во Франкфурт ќе се разговара и за позицијата на репрезентативниот директор Оливер Биерхоф. Кандидат за негов наследник е Матијас Замер, кој треба да ја организира репрезентацијата и сојузот пред Европското првенство.