Top Sport

Бирхоф има решение за Лигата на нации

Директорот на Фудбалскиот сојуз на Германија Оливер Бирхоф има предлог како да се игра второто издание на Лигата на нации. Поранешниот репрезентативец предлага да биде организиран турнир, на неутрален терен.

Поради коронавирусот во фудбалот имаше прекин од речиси три месеци што донесе големи промени во календарот. Европското првенство е одложено за наредната година. Оваа одлука ќе предизвика проблеми во Лигата на нации чие второ издание треба да се игра од септември до ноември. Правилата се јасни, секоја репрезентација треба да игра со противниците од групата дома и во гости.

„Турнирски формат би бил добра алтернатива“, рекол Бирхоф за „Кикер“.

Тој смета дека челниците на националните сојузи би прифатиле вакво решение бидејќи до наесен фудбалот ќе се игра без публика. Во тој случај фудбалерите не би биле оптоварени со патувањата, а и полесна би била и контролата поради вирусот.

Бирхоф ја предложил Германија како држава каде би можеле да се организираат турнирите.

„Го имаме потребното знање, одлични сме организатори, тоа веќе го покажавме. Доколку на ваков начин можеме да и помогнеме на УЕФА ние сме подготвени“, рекол Бирхоф.

Македонија второто издание на Лигата на нации ќе го игра во Ц-сегментот, во Групата 2 заедно со Естонија, Грузија и Ерменија.

Scroll to Top