Обвинителите во случајот за измама против поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер и поранешениот шеф на УЕФА, Мишел Платини побараа 20-месечна условна казна затвор во случајот за корупција.
Судењето во траење од 11 дена ќе заврши со пресуда на 8 јули. Пред швајцарскиот федерален суд во Белинцона, обвинителот Томас Хилдебранд исто така побара Платини да плати на ФИФА 2.2 милиони швајцарски франци во компензација.
Случајот се однесува на сумата од 2 милиони долари кои ФИФА ги исплати на Платини во 2011, период во кој Франузинот беше претседател на УЕФА и потпретседател на ФИФА, и се веруваше дека ќе стане наследник на Блатер. Обвинителството вели дека немало причина да се плати сумата за советување на Блатер. Двајцата ги демантираат обвинувањата и тврдат дека постоел устен договор во 1998 за Платини да добие дополнителна плата која во тој момент ФИФА не можела да ја исплати. Платини потпишал договор во август 1999 за плата од 300.000 швајарски франци годишно.
86-годишниот Блатер, кој беше претседател на ФИФА од 1998 до 2015 година, денеска доби уште една лоша вест, откако обвинителите во Цирих, каде што се наоѓа седиштето на ФИФА потврдија дека отвориле кривична постапка во одделен случај поднесен од ФИФА во 2020.
Блатер и неговиот долгогодишен соработник, поранешниот генерален секретар на ФИФА, Жером Валке се обвинети за корупција во случајот околу изградбата на музејот на ФИФА во Цирих.