Поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер, ќе биде присутен на Светското првенство во Русија следната година и покрај тоа што има шестгодишна суспензија од сите фудбалски активности по обвинувањата за корупција.
Швајцарецот за ова може да му се заблагодари на рускиот претседател Владимир Путин, кој му понуди лична покана за присуство на Мундијалот.
„Ќе одам на СП во Русија бидејќи добив покана од претседателот Путин. Не знам колку долго ќе бидам таму и дали ќе бидам за првиот меч или за финалето. Бидејќи не можам да работам во фудбалот и немам обврски, можеби посетата ќе биде кратка“, изјави 81-годишниот Блатер.
Тој уште е под истрага на швајцарските обвинители за „криминалното водење“ на ФИФА.
Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ, потврди дека слична понуда добил и поранешниот претседател на УЕФА, Французинот Мишел Платини кој беше виновен за „прекршување на етиката“ и доби четиригодишна суспензија од фудбалот во 2015 година. Путин ги смета двајцата за „стари пријатели“, посочи Песков.