Новото засилување на Барселона, Кевин-Принс Боатенг при презентацијата во Каталонија мораше да „појасни“ кој смета дека е најдобриот фудбал на светот, откако во минатото даваше вакви изјави и за Лионел Меси и за Кристијано Роналдо. 31-годишниот фудбалер од Гана овојпат кажа јасно: „Меси е најдобар на овој свет и на сите можни светови“.
Боатенг во понеделникот направи шокантен трансфер од Сасуоло на позајмица со опција за откуп на договорот и е необично решение за Барса, бидејќи пред да настапува во Серија А играше во Лас Палмас и во Ајнтрахт Франкфурт, никогаш не исполнувајќи го потенцијалот кој го покажа како тинејџер со Херта Берлин.
По потписот, шпанските медиуми, неуморни како и секогаш, извадија негови изјави во кои тој вели дека е навивач на Мадрид и го фали Роналдо како најдобар фудбалер на светот, но во вторникот и тоа се разјасни.
„Јас сум фудбалер на Барселона и Лионел Меси е најдобриот фудбалер на овој свет и на сите можни светови. Зошто се смеете? Тоа е вистината, тоа го покажа со тоа што освои во последните 10 години. Чест е да се биде во Барса бидејќи Меси е најдобриот фудбалер на светот, а Луис Суарез е најдобриот напаѓач на светот“, вели Боатенг.
Тој е свесен дека доаѓа на „Ноу Камп“ без гарантирано место во првиот состав.
„На моја возраст, бројот 9 е совршен за мене, но за тренерот мислам дека ќе бидам најкорисен бидејќи играм на различни позиции. Не зборував со него, но знам дека не дојдов да бидам стартер покрај сите овие фудбалери. Тука сум поради искуството и да играм за голем клуб“, додава Боатенг.
Фото: ЕПА