Работнички пред два дена го совлада актуелниот првак Шкендија на арената „Тодор Проески“, а веќе утре тимот на Борче Христов го очекува ново големо искушение, гостување кај актуелниот лидер Шкупи на Чаир. Шефот на стручниот штаб се надева дека позитивната низа може да продолжи и посакува фудбалерите да се претстават во ново добро издание.
„Задоволен сум од триумфот против Шкендија, прикажавме навистина добра игра, фудбалерите ги исполнија тактичките замисли, сите поставени задачи. Но, таа победа е веќе зад нас и се подготвуваме за новиот предизвик. Утре ни следи гостување на Чаир и нов дуел против Шкупи. Тие се лидери, имаат квалитетен тим, но мислам дека ги намачивме и на претходниот натпревар на Арената. Загубивме со 0-1, но лесно можеше да биде и поинаку. Верувам дека утре ќе одиграме нов квалитетен меч, а најважно е што фудбалерите увидоа дека можат да стигнат до победа и против најдобрите. Натпреварот против Шкупи е шанса за ново големо докажување. Јас сум уверен дека овој млад тим на Работнички може уште многу подобро и ќе се стремиме кон тоа, иако сме свесни дека ќе имаме подеми и падови до крајната цел“, вели Борче Христов.
Шкупи и Работнички утре (15 часот) на Чаир го отвораат третиот круг од фудбалското првенство на Македонија.