Top Sport

Борусија не се шегува! Прекрасна 3:2 победа над Баерн во „Дер класикер“ (видео)

Борусија Дортмунд стигна до сензационална кам-бек победа од 3:2 над Баерн Минхен за да се одвои на седум поени од нив на врвот на Бундеслигата благодарение на фантастичните Марко Ројс и Пако Алкасер.

Дортмунд влезе во „Дер класикер“ без пораз во 10 кола во Германија, но против Баварците секогаш е опасно да се игра, без разлика на формата. Роберт Левандовски го покажа тоа во 26. минута кога Гнабри одлично го најде во шестнаесетникот за шок на „Сигнал Идуна арената“.

Борусија израмни во 49. минута од пенал преку Марко Ројс, најавувајќи „жешко“ второ полувреме. Но, само три минути подоцна, Левандовски покажа зошто Баерн прави сѐ да го задржи во тимот, откако по една убава акција носи ново водство на Баварците.

Сепак, „милионерите“ беа наострени за победа над лутиот ривал. Ројс повторно „удри“ во 67. минута постигнувајќи прекрасен гол, пред Пако Алкасер, Шпанецот кој е во фантастична форма оваа сезона, успеа да го постигне победничкиот гол по еден брз контранапад на домаќините.

Со победата, Борусија останува на првото место со 27 поени, три повеќе од Борусија Менхенгладбах на второто месот, и уште позначајно дури седум пред Баерн на третото место.

Фото: ЕПА

БУНДЕСЛИГА, 11.КОЛО

Хановер – Волфсбург 2:1

Фортуна Диселдорф – Херта Берлин 4:1

Фрајбург – Мајнц 1:3

Хофенхајм – Аугзбург 2:1

Нирнберг – Штутгарт 0:2

Вердер Бремен – Борусија Менхенгладбах 1:3

Борусија Дортмунд – Баерн Минхен 3:2



Scroll to Top