Фудбалската репрезентација на Македонија составена од домашни фудбалери загуби со 1:0 од Саудиска Арабија на пријателскиот натпревар во Абу Даби. Дефанзивецот Владица Брдаровски, фудбалерот на Шкупи, вели дека во завршницата Македонија е отштетена за чист пенал и дека не заслужи да загуби.
„Штета што самите не се уверивте какво судење имавме од арапските судии. Ова беше незаслужен пораз. Сите задачи кои ги добивме од стручниот штаб ги завршивме како што треба, имавме добро позиционирање на теренот и го чувавме нашиот гол. Противникот од една шанса доби гол, а судиите во два до три наврати требаше да досуди чист пенал во наша корист, ама не го направи тоа. Ама се уверивме дека можеме да играме добар фудбал дури и со репрезентации кои играат на Светското првенство. Одигравме одличен натпревар со Саудиска Арабија“, изјави Брдаровски.