Top Sport

Бруно ги „реши“ Ливерпул на „Олд Трафорд“

Манчестер јунајтед во многу подобар меч од тој од пред една недела, го доби големото дерби со Ливерпул со 3:2 во четвртото коло на ФА купот на „Олд Трафорд“, за уште еден удар на разнишаниот интегритет на англискиот шампион.

За разлика од мечот минатиот викенд на „Енфилд“, кога двата тима беа многу повлечени и внимателни во играта, во купот се играше поопуштено со повеќе шанси од двете страни, и секако со пет гола.

Гостите први дојдоа во водство, кога Мо Салах во 18-тата минута ја искористи слабата реакција на одбраната на „ѓаволите“ да го совлада Дин Хендерсон. Јунајтед, невообичаено во првите половина час имаше повеќе од поседот од топката и врати во 28. минута преку Мејсон Гринвуд по фантастичната топка која ја доби од Маркус Рашфорд.

Само што почна второто полувреме, во 48. минута, Гринвуд му асистираше на Рашфорд за Јунајтед да дојде во водство, но радоста не траеше долго – по една лоша реакција на одбраната на Јунајтед, Салах во 58. минута израмни. Џокерот на Солскјер беше Бруно Фернандеш, кој го замени Дони ван де Бек во 66. минута, и во 78. минута по еден невнимателен фаул над Единсон Кавани на работ на шестнаесетникот, Португалецот постигна убав гол од слободен удар за 3:2. Минути подоцна Кавани ја погоди стативата во ситуација во која беше сам пред Алисон Бекер.

Во петтото коло, Јунајтед на „Олд Трафорд“ ќе го пречека тимот кој го предводи нивниот поранешен менаџер, Дејвид Мојс, Вест хем.

Scroll to Top