Џанлуиџи Буфон нема да може да настапи на рекордниот шести Мундијал во кариерата, откако Швеѓаните останаа непоразени на „Сан Сиро“ и патуваат на СП во Русија.
На Италија ќе и треба време да се соземе по историскиот пораз, со што се стави крај на импресивната низа настапи на СП од 1964 година до 2014. Последен пат „аѕурите“ ги немаше на СП во 1958 година, иронично токму во Шведска.
Легендарниот голман Буфон веќе нема да го носи синиот италијански дрес, но и во последниот меч го покажа големото срце, кога додека дел од публиката на „Сан Сиро“ ја свиркаше химната на Шведска, тој аплаудираше. Ова беше 175. меч за Италија на 39-годишниот голман на Јувентус.
Class act from a class man…
Italy fans whistled Sweden’s anthem, Buffon did this: pic.twitter.com/4larlUzEcE
— Photos of Football (@photosofootball) November 13, 2017
По мечот, тој имаше кратка порака.
„Не ми е жал за мене, туку за италијанскиот фудбал. Потфрливме во нешто што е многу повеќе од обичен спорт, потфрливме на социјално ниво. Секако дека жалам што си одам вака, но времето поминува“, изјави Буфон.
Италијанскиот печат и фудбалските стручњаци долго ќе ги бараат одговорите што тргна наопаку во овој квалификациски циклус. Првата реакција беше на шок и неверување.
„Ла газета дело спорт“ беше најдраматичен со насловот: „Ова е апокалипса, испаднавме од Светското првенство“, додека „Тутоспорт“ ги прогласи 0:0 во Милано за „проклети“. „Ла република“ пак потсети: „Ова не се случило 50 години, аѕурите во солзи“, додека „Ла стампа“ кратко прокоментира „катастрофална Италија“.