Top Sport

Бугарите добија лекција од Англија, Украинците ја „потопија“ Португалија (видео)

Репрезентацијата на Англија се „рехабилитираше“ по првиот квалификациски пораз по 10 години со импресивна 6:0 победа над Бугарија на „Васил Левски“ во Софија, додека Украина на Андриј Шевченко со 2:1 го победи актуелниот европски шампион, Португалија.

Англичаните, кои во претходниот меч загубија од Чешка со 2:1, во првото полувреме го „скршија“ отпорот на домаќините – Маркус Рашфорд (7. минута), Рос Баркли (20. и 32. минута) и Рахим Стерлинг (45. минута) донесоа 4:0 водство, кое во второто полувреме, Стерлинг го зголеми на 5:0 во 69. минута од мечот, пред Хери Кејн во 85. минута да ги постави конечните 0:6.

За одбележување е и прекинот кој се предизвика во Софија, откако домашните навивачи покажуваа нацистички поздрави и имаа расистички извици кон англиските фудбалери.

Во истата група, Косово ја совлада Црна Гора со 2:0 за да ги заддржи шансите за пласман на Европското првенство.

Украина пак, продолжи со одличните игри откако ги изддржа последните 20 минути со играч помалку за 2:1 победа над Португалија. Роман Јаремчук (6. минута) и Андриј Јармоленко (27. минута) донесоа 2:0 водство за тимот на Андриј Шевченко, пред Степаненко во 72. минута да добие втор жолт картон, а Кристијано Роналдо од пенал да намали на 2:1.

Србија со 2:1 победата кај Литванија остана со шанси за пласман на Евро 2020 бидејќи сега има само поен помалку од Португалците.

Светскиот шампион, Франција, не успеа да ја победи Турција, одигрувајќи 1:1 на „Стад де Франс“ во меч кој почна со тензии по барањето на дел од француските политичари да се откаже мечот поради салутирањето на турските фудбалери на нивната војска, која има интервенција во Сирија.

Оливер Жиру ги донесе „триколорите“ во водство во 72. минута од мечот, пред Кан Ајхан во 82. минута да израмни на 1:1.

ЕВРО 2020, КВАЛИФИКАЦИИ

ГРУПА А

Бугарија – Англија 0:6

Косово – Црна Гора 2:0

Табела: 1.Англија 15, 2.Чешка 12, 3.Косово 11, 4.Црна Гора 3, 5.Бугарија 3

ГРУПА Б

Украина – Португалија 2:1

Литванија – Србија 1:2

Табела: 1.Украина 19, 2.Португалија 11, 3.Србија 10, 4.Луксембург 4, 5.Литванија 1

ГРУПА Х

Франција – Турција 1:1

Молдавија – Албанија 0:4

Исланд – Андора 2:0

Табела: 1.Турција 19, 2.Франција 19, 3.Исланд 15, 4.Албанија 12, 5.Андора 3, 6.Молдавија 3

Scroll to Top