Top Sport

Чалханоглу: Интер е многу посилен од Милан, Златан е престар за глупостите кои ги прави

Хакан Чалханоглу влезе во остар напад на неговиот поранешен клуб Милан и посебно на Златан Ибрахимовиќ по навредите кои ги доби од навивачите на „росонерите“, оценувајќи дека Интер е „многу посилен“ тим од шампионот Милан.

Турскиот репрезентативец играше за Милан од 2017 до 2021, кога како слободен агент замина во градскиот ривал, нешто што не беше пречекано добро кај „росонерите“. Секако, сеирот беше голем кога токму Милан го освои скудетото, и Чалханоглу беше мета на исмевање кај навивачите на градскиот ривал.

„Беше тешко, бидејќи сум во ист град, но носам поинакви бои. Но, јас работев напорно и знаев дека ова беше мојата шанса да отидам кај италијанските шампиони. И тогаш кога тимот во кој дојдов не го освои скудетото, тогаш луѓето се однесуваа како тоа да е моја вина. Среќен сум во Интер и поддршката од фановите е фантастична. Играв четири години во Милан, но никој не го пееше моето име на трибините, тука тоа се случува кога се загревам. Интер и така се многу посилен тим од Милан“, вели Чалханоглу.

За односите со Златан Ибрахимовиќ, тој има што да каже.

„Тој има 40 години, а не 18, така што не сфаќам како прави такви глупости. Сака да биде во центарот на вниманието. Тој воопшто не придонесе на скудетото оваа сезона, едвај играше, но само сака да биде најгласен. Покрај тоа, тој постојано ми се јавува, ме кани на вечера, дури пишуваше и во книгата за мене. Искрено, не ми е грижа многу“, вели Чалханоглу.

Scroll to Top