Top Sport

Чави: Ми „тежат“ споредбите со Пеп

Тренерот на Барселона, Чави Ернандез вели дека споредбите со неговиот поранешен соиграч и тренер Пеп Гвардиола му „тежат“ и не му помагаат во неговата кариера.

Чави ја донесе првата шпанска титула на Барса од 2019 во својата прва сезна на „Ноу Камп“, но беше критикуван поради стилот на игра во одредени мечеви, како и за раната елиминација во Европа. Барса дури 11 пати победи 1:0 во Ла лига оваа сезона и постави рекорд од 26 меча без примен гол, нешто што носеше поени за клубот, но не и многу напаѓачки фудбал, каков што се играше во Каталонија под водство на Гвардиола од 2008 до 2012.

„Ликот на Гвардиола ми ‘тежи’ како тренер. Мислам дека не е фер постојано да се прават тие споредби. Тоа ми се случуваше и кога бев фудбалер, но сите треба да гледаат кон иднината. Во клубот ме ценат и разговорите постојано продолжуваат. Ќе го обновам договорот и се надевам дека ќе останам многу години“, вели Чави.

Тој признава дека некои одлуки кои морал да ги направи оваа сезона биле тешки, посебно со поранешните соиграчи – Жерард Пике се пензионираше, а Жорди Алба и Серхио Бускетс ќе го напуштат тимот на крајот на сезоната.

„Кога мора да направите такви одлуки е многу тешко. Морав да му кажам на Пике дека ќе игра помалку. Дури се мачев да спијам, бидејќи добро се познававме. Со Жорди имав чувство дека го разочарувам како пријател. Тој беше лут и тоа беше разбирливо“, додава Чави.

Scroll to Top