Top Sport

Чави: Не очекувавме ваква ситуација во ЛШ

Во последното, шесто коло од групата Ц во Лигата на шампионите, Барселона вечерва гостува кај Плзен. Избраниците на тренерот Чави Ернандез не можат да се пласираат во нокаут фазата бидејќи имаат четири бода, шест помалку од Интер, што значи дека напролет ќе играат во Лига Европа.

„Имавме се во наши раце, но пропуштивме многу поради наши грешки, како и грешки на судиите. Но, така ќе растеме. Важно е да победиме, да играме добро и да го задржиме ритамот. Мора да славиме против Плзен. Мотивиран сум и за овој натпревар, кој ќе наликува на пријателски меч. Играчите треба да покажат дека заслужуваат место во Барселона. Не ја очекувавме оваа ситуација, но тоа е нов тест за нас“, изјави Чави.

Тој е сигурен дека каталонскиот клуб ќе ја надмине оваа ситуација и ќе освојува трофеи.

„Без разлика дали тоа беше среќа или несреќа, го преживеав најлошиот период во историјата на клубот, од 2000 до 2003 година, но потоа и најдобриот. Мора да веруваме, не е време за сомневање во себе. Ова веќе ми се случи како играч, па јас сум многу позитивен, на добар пат сме. Ќе освојуваме трофеи следната година, треба да почекаме. Добри сме во првенството, но не бевме на ниво во ЛШ. Правиме помали чекори отколку што мислевме, но трофеите ќе се решаваат следната година“, изјави тренерот на Барселона.

Scroll to Top