Top Sport

Чави се вади на четвртиот судија: Ми кажа дека беше чист пенал

Вечерва Барселона и Виљареал одиграа спектакуларен натпревар на „Монжуик“, кој заврши со победа на „жолтата подморница“ 5:3.

Виљареал водеше 0:2, но таа предност Барселона ја стигна и престигна за само 11 минути. Во 84.минута Гуедеш изедначи на 3:3, а потоа Виљареал постигна два гола во 99. и 102.минута за конечен триумф.

По натпреварот во Барселона се огорчени на судијата, сметаат дека се оштетени за пенал, во судиското надополнување на времето.

Главниот судија покажа на белата точка, но откако доби сугестија од ВАР собата да ја прегледа снимката ја смени својата одлука. Впечаток е дека пенал немаше, односно дека раката на Комесања беше во природна положба, а топката го погоди во лактот.

Тренерот на Барселона, Чави, ја презеде одговорноста за поразот но посебен акцент стави на поништениот пенал.

„Ќе ме казнат, но вие анализирајте дали тоа беше игра со рака или не. Таа ситуација го реши натпреварот. Четвртиот судија ми рече дека е чист пенал. Нема повеќе да зборувам, но има слики…“, изјави Чави за судењето.

Неговиот тим упати 22 удари кон противничкиот гол, три пати ја затресе мрежата, но имаше многу слабости во одбраната кои фудбалерите на Виљареал знаеја да ги искористат.

„Овој ден е олицетворение на нашата сезона. Ни недостигаше зрелост. Тимот е емотивно уништен. Јас сум најодговорен за оваа ситуација. Лошо ја менаџиравме ситуацијата и не ги направивме тактичките фаули што беа потребни. Сега треба да ја смениме динамиката.

Мораме побрзо да го вратиме поседот за да спречиме да се случат вакви контранапади. Не можете да ја вратите топката? Тогаш правете тактички фаули“, рече Чави со оптимистичка порака:

„Како клуб, Барса излегувала и од полоши сутиации“.

Scroll to Top