Иако само пред неколку месеци ја одби понудата да стане наследник на Ернесто Валверде, Чави сега вели дека е подготвен да биде постојан тренер на Барселона, но само ако се отстрани „токсичноста“ во соблекувалната на каталонскиот гигант.
40-годишниот Чави ги помина првите 18 години од својата фудбалска кариера на „Ноу Камп“ со над 700 настапи за клубот освојувајќи осум шпански титули и четири трофеи од ЛШ, пред во 2015 година да замине во катарскиот Ал-Сад, каде што помина четири години како фудбалер, пред да стане тренер.
Тој доби понуда да биде тренер на клубот во јануари по отказот за Ернесто Валверде, но изјави дека не е подготвен и клубот го донесе Кике Сетиен. Сега, тој целосно го смени мислењето во интервју за весникот „Ла вангардија“.
„Јасно кажувам дека сакам да се вратам во Барселона и многу сум возбуден. Сега, откако видов како е да се биде тренер, знам што можам да донесам во било кој клуб. Но, се гледам во проект кој почнува од нула и во кој одлуките ќе ги носам само јас. Не се кријам, ниту го повлекувам тоа што го направив. Сакам да работам со луѓе во кои имам доверба и кои се лојални и нема простор за ’токсичност’ во соблекувалната“, вели Чави.
Засега, Сетиен останува прв човек на Барселона, но не успеа да ги намали критиките во текот на првите два месеци во Барса. Клубот е на првото место во Ла лига и во осминафиналето на Лигата на шампионите, но едноставно клубот не блеска.