Top Sport

Чеферин ги брани ПСЖ: Нема Реал Мадрид да ни кажуваат што да правиме!

Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин застана во одбрана на Пари Сен-Жермен околу новиот богат оговор за францускиот напаѓач Килијан Мбапе, инсистирајќи дека и Реал Мадрид дале „слична“ понуда.

Француските медиуми тврдеа дека 23-годишниот Мбапе стана најплатениот фудбалер во историјата со потпишувањето на тригодишниот нов договор, нешто што предизвика бура реакции во Шпанија, каде што и Ла лига го пријави клубот пред УЕФА велејќи дека се работи за „скандалозна“ понуда која претставува опасност за илјадници работни места во европскиот фудбал.

Чеферин ги отфрла обвиненијата дека УЕФА ги игнорира прекршувањата на финансискиот ферплеј, посочувајќи на хипокризијата во Шпанија бидејќи Мадрид исто така му нудел богат договор на Мбапе.

„УЕФА има правила за финансиски ферплеј кои се доста стриктни. Кој ќе ги почитува правилата, ќе игра во нашите натпреварувања, кој нема, нема место за него, толку е едноставно. Ниту Реал Мадрид, ниту било кој ќе кажува што ќе прави УЕФА. Тие велат дека има скандал, но според тоа што го знам, нивната понуда беше слична со таа на ПСЖ“, вели Чеферин за „Би-би-си“.

Тој исто така вели дека нема промени на правилата за сопственост на клубовите, откако ПСЖ е во раце на Катар инвестмент ауторити (КИА), државната компанија од Катар, додека Манчестер сити е во сопственост на газди од Обединетите Арапски Емирати.

„Кажете ми еден аргумент зошто тие да не се сопственици на клуб? Ако кажете дека клубовите се во сопственост на фановите, заборавате дека сите англиски клубови имаат сопственици – од САД, од Англија, од Блискиот Исток. Така што ситуацијата е идентична и мака ми е од овие обвинувања без основа“, додава Чеферин.

Scroll to Top