Top Sport

Чеферин: „Максимир“ и „Пољуд“ се срамота за фудбалот

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, ја критикуваше инфраструктурата во Хрватска, а посебно се осврна на Хајдук и Динамо.

Чеферин во големото интервју за „Национал“ го употреби зборот „срамно“ за да ја опише моменталната ситуација во Хрватска.

„Мислам дека фудбалската инфраструктура е срамна. Словенија има подобра инфраструктура од Хрватска, а ние сме помала земја со помалку фудбалски успеси. Иако земјата не инвестираше ниту евро во фудбалската инфраструктура. Мило ми е што сега зборуваат за национален стадион и за големи инвестиции во спортот, се надевам дека не е изборна кампања, но од федерацијата ми велат дека тоа се сериозни работи и дека сега ќе инвестираат многу, но според мене Хрватска нема ниту еден стадион кој би можел да биде домаќин на сериозен натпревар. Сè уште е најдобриот стадион во Риека. Осиек е нов, но тоа се мали стадиони. „Пољуд“ и „Максимир“ се за срамота“, рече Чеферин.

Навести и дека во иднина може да биде забрането да се играат европски натпревари на „Максимир“.

„Кога ќе ја видите таа затворена трибина на Максимир… Блиску сме да не дозволиме таму да се играат европски натпревари. Неколку пати бевме блиску до таа одлука. Сега се надеваме дека нешто ќе се промени. Читам дека нешто се договориле со градот, со црквата, со државата, со ХНС, но деталите не ги знам“, заклучи Чеферин.

Scroll to Top