Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин на средба со претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини честиташе за историскиот успех и пласманот на Европското првенство оваа година, но и за посветеноста на развојот на фудбалот.
На средбата се разговарало за проекти од инфраструктурата, како и иницијативи за развој на младинскиот фудбал.
„Пресреќен сум за огромните чекори кои ги направи ФФМ под водство на господинот Сејдини во последните години. Земјата почнува да ги жнее успесите од овие проекти – од квалификувањето на У-21 репрезентацијата на ЕП во 2017 во Полска, до историскиот успех на сениорскиот тим и пласманот на УЕФА Евро“, вели Чеферин , кој исто така потсети на успешната организација на УЕФА Суперкупот во 2017 година, кога во Скопје играа Реал Мадрид и Манчестер јунајтед.