Foto/ EPA
Централниот дел од говорот на редовниот Конгрес на УЕФА, на кој членовите на конгресот гласаа за промена на Статутот, што ќе му овозможи на Александар Чеферин да се кандидира за уште еден мандат, првиот човек на УЕФА го посвети на желбата за формирање на Суперлигата.
„Силата на европскиот фудбал лежи во тоа чувство на припадност. Можности да направите нешто и да успеете во нешто преку градење на заеднички вредности. Од Португалија до Казахстан, од Кипар до Фарските Острови, од Финска до Италија, нема големи и мали. Поради нашиот систем, важни се победите на теренот, а не надвор од него. На прсти може да се избројат терените на кои Европа е лидер, а една од тие работи е фудбалот. И ние треба да бидеме горди на тоа“, рече Чеферин во својот говор во кој повтороно ја нападна идејата за формирање на Суперлигата.
„И на клупско и на репрезентативно ниво, со децении бевме на висината на задачата и сè уште сме. И ние сме доволно скромни да му се заблагодариме на нашиот единствен модел за тој успех. Модел заснован на солидарност, инвестиции, единство и спортски критериуми за промоција, пласман и испаѓање. Нашите лидери треба да разберат, и фала му на Бога што повеќето од нив го разбираат, дека ние треба да го браниме тој модел. Поради народот, поради навивачите, не поради организација како УЕФА“, продолжи тој и отиде на поентата:
„Во овој момент некои луѓе се обидуваат да уништат 70 години историја. Тие се обидуваат да го променат европскиот фудбалски модел и покрај неговиот успех. Тие тврдат дека се спасители на фудбалот, иако во реалноста се обидуваат да му го ископаат гробот. Тие глумат жртви иако не се ништо друго освен предатори. Го мешаат монополот со единството. Го мешаат предавството со солидарноста. Зборуваат многу за слободниот пазар, но не знаат ништо за слободата на говорот. Историјата на европската соработка е изразена во некои симболи кои се едноставно недопирливи. А европскиот фудбал е еден од нив. Никогаш порано во модерните времиња нашиот континент не бил толку ранлив, толку поделен, толку расцепен“.
„Мои пријатели, живееме во тешки времиња. Но, има сила во единството. А единството е единственото нешто што може да не спаси. На сите нивоа. Веднаш до скромното фудбалско игралиште. Дали во Европа се брои само еден закон? Закон на пазарот? Некои луѓе мислат дека се може да се купи. Дека се се продава и дека сите сме само купувачи и ништо повеќе. Тоа е една перспектива на животот, но не е наша и никогаш нема да биде наша. Тоа не е вид на општество што сакаме да им го оставиме на нашите деца. Ова не е Европа што ја создадоа и замислуваа нашите основачи. Тоа не е. Денес, неколку поединци сакаат да не поделат со приказната за слободниот пазар, водени од желбата целиот профит да биде за неколкуте привилегирани“.