Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, ја отфрлил можноста ВАР-системот, од оваа сезона да биде воведен во натпреварите во Лигата на шампионите. Пред десетина дена, се појавија информациите дека УЕФА ќе одобри употреба на видео технологијата од четврт-финалните натпревари во елитното натпреварување.
Првиот човек на УЕФА, не бил импресиониран од напредокот што ВАР-технологијата го имала на Светското првенство во Русија.
„Не веруваме во ВАР. Има работи што треба да станат појасни. Кој одлучува дали ќе се гледа снимката? Навивачите тоа не го разбираат, ниту новинарите. Што гледаат судиите, а што не? Знаеме дека еден ден ќе биде неопходен, а ќе го воведеме кога ќе биде подготвени. Во моментов ВАР не е подготвен за ЛШ“, рекол Чеферин.
Како лош пример на употребата на ВАР-технологија го посочил натпреварот на одигран во фазата по групи на Светското првенство помеѓу Швајцарија и Србија.
„На Србија не и беше досуден чист пенал против Швајцарија, додека за многу помалку другите добиваа пенали. Потребни ни се правила. Некои помошни судии на СП не работеа ништо, само чекаа. Еден судија ми кажа дека во момент на голем инцидент, се преправал дека е во комуникација со контролната соба и потоа целата ситуација се смирила“, дополнил претседателот на УЕФА.