Претседателот на УЕФА Александар Чеферин му одговори на Флорентино Перез во врска со обновата на идејата за Суперлигата.
Недолго откако Перес на Годишното собрание на мадридскиот клуб изјави дека идејата за формирање Суперлига не е мртва, Словенецот јасно стави до знаење дека нема намера да дозволи такво натпреварување.
„Предолго разговаравме за тоа, за мене идејата за Суперлига веќе не постои. Ми кажаа што се случи во неделата и што рекол Перез. Тоа практично значи дека идејата е да се затвори се и да се погрижиме големите да не играат со мали клубови. За тоа би требало да се промени целиот европски модел. Таква идеја не заслужува дополнителен коментар бидејќи би имало преголема разлика меѓу сиромашните и богатите, нема да постои рамнотежа“, објасни Чеферин.
Тој откри и дека има намера повторно да се кандидира за позицијата прв човек на европскиот фудбал.
„Се чини дека јас ќе бидам единствениот кандидат, никој не сака да заминам. Веќе добив 55 писма за поддршка, би било чудно да не се кандидирам“.
Чеферин одговори на зборовите на претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис, кој имаше замерки за странските играчи, велејќи дека во иднина нема да купува играчи кои се подготвени д играат на Африканскиот куп на нации.
„Не го делам мислењето на претседателот на Наполи. Играчите мора да играат за тимови, но и за репрезентации. Тоа е основата на фудбалот“, заклучи Чеферин.