Top Sport

Челси му се одмазди на Лестер и покрај двата поништени гола на Тимо Вернер!

„Несреќниот“ Тимо Вернер постигна два гола во првото полувреме, но двата му беа поништени од ВАР (едниот поради офсајд, другиот поради играње со рака), но Челси стигна до супер-важна 2:1 победа над Лестер за да се искачи на третото место во Премиер лигата и да ги намали шансите на Ливерпул да стигнат до Лигата на шампионите. Трите поени на Челси исто така значат дека Манчестер јунајтед го обезбедуваат второто место на табелата.

Мечот дојде по 1:0 победата на Лестер над Челси во финалето на ФА купот, но тимот на Томас Тухел успеа да се одмазди и да направи огромен чекор кон топ 4 пласман пред финалето на Лигата на шампионите, каде што играат со Манчестер сити.

По двата поништени голови на Вернер, Челси, конечно, дојде во водство во 47. минута преку Антонио Ридигер, пред во 66. минута токму Вернер да изнуди пенал, кој Жоржињо сигурно го изведе за да зголемат на 2:0. Меѓутоа, тензијата се крена во 77. минута, кога Келечи Ихеаначо намали на 2:1, за интересен финиш на мечот.

Со овој резултат, Челси имаат 67 поени, Лестер се четврти со 66 поени, додека Ливерпул имаат 63, но и два натпревари до крајот на сезоната за разлика од Челси и Лестер кои имаат уште еден меч. Челси во последното коло гостуваат кај Астон вила, Лестер играат дома со Тотенхем, додека Ливерпул покрај утрешниот меч со Барнли, во последното коло играат дома со Кристал палас. Бидејќи и гол-разликата може да игра улога, Челси имаат 57:33 (+14), Лестер имаат 65:46 (+9), а Ливерпул 63:42 (+19), што значи дека ако Ливерпул победат во последните два меча, ќе ги поминат „лисиците“, кои цела сезона беа во топ 4.

Standings provided by SofaScore LiveScore

Scroll to Top