Челси ја спаси честа на екипите, што во поладневниот термин играа на домашен терен, во рамките на четвртото коло во Премиер лигата. Колото го отвори Ливерпул со гостинската победа над Лестер 2:1.
Челси има одличен старт во сезоната, а новиот тренер Маурицио Сари, ја забележа четврата победа. „Сините“, долго се мачеа да го скршат отпорот на одличните гости од Борнмут.
Сари погоди со измените на овој натпревар, откако по акцијата на Жиру и Педро, Шпанецот го постигна првиот гол во 72.минута. Конечните 2:0 ги постави Азар во 85.минута.
По четвртото коло Вест Хем ќе остане единствената екипа без освоен бод. „Чеканите“ го пречекаа Вулвархемптон и беа поразени со голот на Траоре во 93.минута.
Со победа од Лондон си заминаа и фудбалерите на Саутемптон. Екипата на Марк Хјуз победи кај Кристал Палас 2:0. Засилувањето од Ливерпул, Дани Ингс го постигна првиот, а Пјер-Емил Хојберг вториот гол за Саутемптон.
Евертон, во летниот преоден рок потроши многу пари, но по четири кола забележа само една победа. Факт е дека „карамелите“ се уште не загубија натпревар, меѓутоа денес не успеаја да го победат Хадерсфилд.
Гостите на „Гудисон парк“ стигнаа до предност преку Филип Билинг во 34.минута, а само две минути подоцна Доминик Калверт-Ливин го постави конечниот резултат 1:1.
Фулам гостуваше кај Брајтон и испушти предност од 2:0, до која дојде со головите на Ширле и Митровиќ. Брајтон до бод стигна со головите на Мареј (вториот од пенал).
Инаку, Брајтон при резултат 0:0 не реализира пенал. Ударот на Грос го одбрани Бетинели.