Истиот ден кога над иднината на клубот се појавија многу неизвесни работи, Челси стигна до 3:1 победа на гостувањето кај Норич во одложен меч од Премиерлигата. Да потсетиме, денеска британската влада реши да му воведе санкции на газдата на клубот, Роман Абрамович, фактички преземајќи ја контролата на клубот, со многубројни ограничувања и голема неизвесност за европскиот и светски клупски шампион.
И покрај ова, фудбалерите на Челси како да сакаа да покажат дека се тука само за да играат фудбал откако Мејсон Маунт прво му асистираше на Трево Чалоба во третата минута за рано водство, за во 14. минута самиот да даде гол. Во второто полувреме, „фенерџијата“ Норич се обиде да се врати во игра и намали на 2:1 со гол од пенал на Тему Пуки во 69. минута, но Каи Хаверц во 90. минута ја потврди победата.
Њукасл пак, победи по петти пат во последните шест меча, триумфирајќи со 2:1 кај Саутемптон за да избега на 10 поени од зоната за испаѓање. За Вотфорд, пак, нема голема надеж ниту со Рој Хоџсон на клупата, откако беа декласирани со 4:0 од Вулверхемптон.
ПРЕМИЕРЛИГА, ОДЛОЖЕНИ МЕЧЕВИ
Норич – Челси 1:3
Саутемптон – Њукасл 1:2
Вулверхемптон – Вотфорд 4:0
Лидс – Астон вила 0:3