Top Sport

Четврт-финални натпревари во Лига Европа

Вечерва во Лига Европа ќе се одиграат првите четврт-финални натпревари. Дерби е пресметката помеѓу Арсенал и Наполи, Челси се фаворити против Славија во Прага, Бенфика ќе го пречека Ајнтрахт, а во локалното дерби ќе играат Вилјареал и Валенсија.

Арсенал и Наполи имаат големи амбиции во Лига Европа. трофејот во ова натпреварување ќе значи спас на сезоната за двата клуба. Арсенал, водат голема борба во Премиер лигата за пласман во Лигата на шампионите, но во конкуренција на Челси, Тотенхем и Манчестер Јунајтед не се сигурни дека можат да ја остварат целта.

Лига Европа им е посигурна варијанта за влез во елитата. Наполи од друга страна сигурно ќе игра и наредната сезона во елитата, но евентуалната победа во Лига Европа, ќе ги залечи раните од испаѓањето во лигата на шампионите и поразот од Јувентус во борбата за титулата во Серија А.

Ајнтрахт гостува на „Луж“ во Лисабон, а во Бенфика најмногу стравуваат од својот играч, Лука Јовиќ. Србинот на 18 годишна возраст од Црвена ѕвезда пристигна во Бенфика. Во Лисабон немаа премногу трпение за него, го испратија на двегодишна позајмица во Франкфурт, а Германците имаат право да го откупат неговиот договор.

Челси, веројатно без Еден Азар, гостуваат во Прага кај Славија. „Сините“ се во идентична позиција во која се наоѓаат Арсенал и Наполи, ја сакаат титулата во ова натпреварување за спас на сезоната.

Тимот на Маурисио Сари е апсолутен фаворит, но Славија е далеку од аутсајдер. Чесите во претходната рунда и дадоа четири гола на Севилја.

Голем интерес привлекува и локалното дерби помеѓу Вилјареал и Валенсија. Последнатанивна пресметка во првенството, пред два месеци, заврши со победа на Валенсија 3:0. Меѓутоа Валенсија на последните две гостувања нема постигнато гол на стадионот на Вилјареал.

Двата тима се оптоварени со она што им се случува во домашниот шампионат. Вилјареа се борат за опстанок додека Валенсија е во трка за четвртата позиција и пласман во Лигата на шампионите.

Сите натпревари ќе започнат во 21 часот.

Scroll to Top