Фудбалскиот сојуз на Чиле соопшти дека испратиле жалба до ФИФА, со која го оспорува учеството на Еквадор на Светското првенство во Катар. Тамошната федерација побарала од ФИФА да истражи дали еквадорскиот репрезентативец Бајрон Кастиљо е всушност Колумбиец, кој немал право да игра за репрезентацијата на Еквадор.
Жалбата е поднесена еден месец по завршувањето на квалификациите во Јужна Америка.
„ФИФА може да потврди дека добила официјална жалба од Фудбалскиот сојуз на Чиле во врска со ова прашање“, се вели во соопштението на ФИФА.
Организацијата не го соопшти распоредот за евентуална дисциплинска постапка.
Селекцијата на Еквадор го зазеде четвртото место во квалификациите и се пласираше на Мундијалот, додека Чиле остана без пласман на Мундијалот, квалификациите ги заврши на седмото место.
Чилеанската федерација смета дека репрезентацијата би можела да се пласира во Катар, доколку натпреварите во кои играше Кастиљо бидат регистрирани со службени порази од Еквадор.
Боливија загуби два натпревари во квалификациите за СП 2018, во кои како замена влезе играч без право на настап.
ФИФА потоа ги заостри правилата, според кои сега сите играчи треба да покажат валиден пасош на официјалните лица на натпреварите.
Еквадор на Мундијалот треба да игра во групата А со Катар, Холандија и Сенегал.
Светското првенство во Катар е на програмата од 21 ноември до 18 декември.