Утрешното прво полуфинале на Лигата на шампиони, покрај тоа што ќе биде дуел на фаворизираните Пари Сен-Жермен и германското изненадување РБ Лајпциг, и пресметка на два тима кои со пари се искачија на врвот на европскиот фудбал, ќе претставува и пресметка на двајцата најголеми германски тренерски таленти.
Токму Томас Тухел, првиот човек на ПСЖ му ја даде првата шанса на Јулијан Нагелсман да учи за тренер откако ветувачката кариера како дефанзивец беше прекратен поради серија повреди на коленото. Нагелсман се повреди додека играше за резервниот тим на Аугзбург, и беше подготвен да го напушти фудбалот, пред Тухел, тогашнио тренер на Аугзбург да го инспирира да почне да работи како скаут и да ги анализира противниците.
„Одлуката беше да го прекинам договорот и да најдам друга работа, но добив шанса да бидам скаут и аналитичар. На Томас му се допаѓаше тоа што го правев и тоа беше првиот чекор. Ниту во најлудите соништа не мислев дека ќе играм против него во полуфинале на Лигата на шампионите“, објаснува 33-годишниот Нагелсман.
Тој студираше спортска наука и во 2016 година се приклучи на Хофенхајм, спасувајќи ги испаѓање во првата сезона и носејќи ги во ЛШ следната сезона. Лани тој се пресели во Лајпциг и продолжи да импресионира.
46-годишниот Тухел вели дека веднаш го забележал талентот на Нагелсман.
„Тој беше еден од ’незгодните’ фудбалери, кои секогаш сакаа да знаат зошто работите се такви. Како скаут беше многу посветен на деталите. Неверојатно е што ќе играме полуфинале“, вели Тухел.