Пред мечот Хрватска-Словенија на „Пољуд“ во вторник, легендарниот хрватски тренер и поранешен селектор, Чиро Блажевиќ даде интервју за словенечкиот „Спортклуб“ во кое откри дека е тешко болен и дека е песимистички расположен.
„Секогаш сте биле заебан, но чесен народ. Затоа ве сакам. И затоа вие ме обожавате и јас вас. Нашата љубов е безгранична, а почна кога се заљубив во една Словенка од Птуј. Ве ценам и ве почитувам, вие сте мала Швајцарија. Сепак, морам да ви кажам и тажна вест. Јас сум многу, многу болен. Освен тоа сум стар имам 86 години. Ако не дојдам наскоро, а најверојатно нема, сакам да ви ја искажам оваа љубов и да ги поздравам сите словенечки пријатели. Вие достигнавте цивилизациско ниво за кое ние Хрватите можеме да сонуваме. Морам да ви кажам католички – збогум. Збогум драги Словенци. Многу сум песимистички расположен“, изјави Блажевиќ.
Мирослав Блажевиќ прв ги направи Хрватите фудбалска сила, кога ги предводеше до третото место на Светското првенство во 1998 година. Тој подолго време боледува од рак, кој му е дијагностициран уште во 2011 година, а пред три години беше на операција на простатата.