Top Sport

Ciao capitano! Соиграчите му го честитаа 60. роденден на единствениот Франко Барези

Поранешните соиграчи од Милан на легендарниот Франко Барези имаа емотивно честитање на 60-тиот роденден на човекот кој беше пример на ефикасноста на италијанската одбрана.

Роден во Траваљато на 8 мај 1960 година, Барези пристигна во академијата на „росонерите“ од млада возраст, откако прво на 12 години го одбиле градските ривали Интер. Во 1978 година тој дебитираше за тимот, и веќе во 1979 беше во првиот тим.

Со Италија тој го освои Светското првенство во 1982 година, а остана во Милан и покрај нивното испаѓање во Серија Б, за повторно да ги врати во елитата. Со Паоло Малдини, Алесандро Костакурта и Мауро Тасоти во одбраната, тој ја формираше можеби најдобрата одбранбена линија во историјата, стигнувајќи до пет скудета и три европски титули.

Под Ариго Саки, но и Фабио Капело, тој ги предводеше „диаволо“ до низа од 58 натпревари без проаз, вклучувајќи ја сезоната без пораз 1991/92.

„Франко беше визуелен пример за сите, сериозен човек кој даваше сè на теренот. Големите фудбалери се тие кои играат со и за тимот. Мислам дека еднаш играше и со скршена рака“, вели Саки за „Скај спорт Италија“.

Барези се пензионираше на 37 години по сезоната 1996/97, а клубот го повлече дресот со број 6, за две години подоцна да биде изгласан за најдобар фудбалер на Милан во 20-тиот век.

„Франко го имаше дресот на ’росонерите’ на кожата. Можеше да замине двапати кога Милан испадна во Серија Б, но остана со тимот“, вели Адријано Галијани, поранешниот директор на клубот.

„Драг Франко, со задоволство ти посакувам сè најдобро за твојот роденден. Имаме 60 години, што значи дека имаме многу добри сеќавања. Гушкање и најдобри желби“, напиша Карло Анчелоти.

„Ова е одлична можност да ти благодарам за сè што направи за мене кога бев во Милан. Капитен, мој голем брат, човек со големо срце, среќен роденден. Уште си млад“, вели Џорџ Веа.

„Ова е многу важен ден за тебе, стигна до голема бројка. Се надевам дека целото семејство е добро. Чао Капитано“, напиша Роберто Баџо.

„Среќен роденден капитену! Морам да признам дека најтешкото нешто кога пристигнав во Милан беше како да сти се обраќам тебе. Благодарам! Те сакам“, вели Масимо Амброзини.

„Здраво Франко, легендарен капитену. Ти посакувам среќен роденден и убав ден. Чао Маестро“, вели Франк Рајкард.

ТОП ретро – италијанскиот „ѕид“ Франко Барези

Scroll to Top