Top Sport

Венгер со поддршка за наследникот: Артета ќе го врати духот во Арсенал

Арсен Венгер вели дека се надева дека неговиот наследник на клупата на Арсенал, Микел Артета може да ја врати „уникатната култура“ на „топчиите“ која недостасуваше под претходниот тренер Унаи Емери.

Французинот Венгер си замина од Арсенал по 22 години во текот на летото 2018 година, а Емери дојде од ПСЖ како човек кој требаше да ја врати славата на тимот. Меѓутоа, со него Арсенал стигна само до петтото место во Премиер лигата лани и загуби во финалето на Лига Европа од Челси.

По слабиот старт на сезоната 2019/20, Емери доби отказ, а Артета беше ангажиран на 20 декември враќајќи се во клубот каде што беше капитен. Артета претходно беше помошник на Пеп Гвардиола во Манчестер сити, и многумина сметаа дека му недостасува искуство, но Венгер верува во него.

„Уште многу се грижам за клубот и ги гледам сите натпревари. Верувам дека има посебна култура на играње фудбал во Арсенал и таа мора да се почитува и се надевам дека Микел ќе ја врати таа култура“, вели Венгер.

Французинот исто така смета дека Ливерпул мораат да бидат прогласени за шампиони во Премиер лигата без разлика на тоа дали ќе се комплетира сезоната.

„Јирген заврши одлична работа, бидејќи клубот чекаше 30 години за титула, а сега имаат огромна предност од 25 поени. Без разлика на тоа што ќе одлучат, Ливерпул се шампиони кај сите фанови“, додава Венгер.

Scroll to Top