Црвена ѕвезда покажала сериозен интерес за македонскиот репрезентативец Илија Несторовски, рекол директорот на Палермо Фабрицио Лучези.
Локалните медиуми пренесуваат дека Палермо нема лесно да попушти и дека доколку во Црвена ѕвезда навистина толку го сакаат Несторовски тогаш ќе треба да платат помеѓу седум и осум милиони евра.
„Нема лесно да се предадеме. За Несторовски постои интерес од Црвена ѕвезда, но него го следат и други европски клубови. Според она што се нуди на пазарот ние нема лесно да се откажеме од него“, рекол Лучези за „Кориере дело Спорт“.
Слично размислува и Несторовски, тој сака да му помогне на клубот кој се соочува со сериозни финансиски проблеми.
„Не сум чувек што лесно се откажува. нема да заминам бесплатно. Сакам Палермо да добие добра понуда. Не го гледам сопствениот интерес, сакам да му помогнам на клубот“, рекол македонскиот репрезентативец.
Несторовски веќе три сезони е играч на Палермо. За клубот од „Ренцо Барбера“ има постигнато 36 гола на 96 натпревари. Во кариерата Несто-гол има настапувано за Победа, Металург, Словачко, Викторија и Интер Запрешиќ.