Ливерпул никогаш не бил во подобра позиција да ја прекине „клетвата“ и да ја освои англиската фудбалска титула по 30 години пауза, откако во дербито на „Боксинг деј“ со 4:0 го декласираше Лестер на на „Кинг Пауер“ стадионот за да направат неверојатна предност од 13 поени на врвот на табелата.
По освојувањето на титулата од Светското клупско првенство во Катар, фудбалерите на Јирген Клоп наместо да изгледаат уморни изгледаа уште помотивирани за победа над „лисиците“ и тоа резултираше со убав гол во 31. минута, откако Трент Александер-Арнолд убаво го пронајде Роберто Фирмино, кој не згреши со глава.
Лестер имаше помалку шанси, откако Џејми Варди беше „изолиран“ во нападот, и покрај обидите во второто полувреме за враќање во игра, Ливерпул беше посилен. Во 71. минута, Џејмс Милнер со гол од пенал (по играње со рака во шестнаесетникот на Сојунџу) донесе 0:2, за Фирмино уште еднаш да покаже дека е во фантастична форма со гол во 75. минута повторно на асистенција на Александер-Арнолд.
Фантастичниот меч, Александер-Арнолд го круниса со гол само три минути подоцна за неверојатни 4:0.