Пари Сен-Жермен, повторно, се наоѓа пред нов тест на „зрелоста“ како голем европски клуб во Лигата на шампиони, додека седумкратните шампиони Милан ќе се обидат да останат непоразени во Лондон против Тотенхем во вечерашните реванш мечеви од осминафиналето на Лигата на шампиони.
Дербито несомнено ќе биде на „Алијанц арената“ во Минхен, каде што ПСЖ пристигнува со 0:1 негатива од првиот меч и тимот на Кристоф Галтие мора да забележи голема европска победа ако сакаат да бидат во четврт-финалето. На тој меч, првата ѕвезда на ПСЖ, Килијан Мбапе влезе во игра во последните петнаесетина минути поради повреда, но сега пред реваншто неколку пати вети дека „светците“ ќе одат на победа и дека се подобар тим од нив.
Париз во Германија ќе биде без Нејмар, откако Бразилецот се повреди и најверојатно го очекува пауза до крајот на сезоната, но сепак, во тимот се Мбапе и Лео Меси, така што секаков исход е возможен. Баерн можеби има предност, но тимот на Јулијан Нагелсман мора да се докаже дека е подобар, откако во Бундеслигата оваа година немаат направено огромна предност и се во тесна трка со Борусија за титулата.
Француските медиуми тврдат дека многу работи во иднината на ПСЖ зависат од овој меч, посебно иднината на Мбапе и Меси, како и на тренерот Галтие, а истото може да се каже и за Тотенхем под Антонио Конте. Италијанскиот тренер по опоравувањето од операцијата на жолчката се враќа на клупата против Милан, клуб против кого има огромно искуство како фудбалер и како тренер на Јувентус и Интер. И околу неговата иднина има многу шпекулации. Милан пак, имаат потпросечна домашна сезона по освојувањето на скудетото лани, а „росонерите“, како и секогаш, живеат за европските мечеви.