Пари Сен-Жермен новата сезона ја почна со титула, откако со 4:0 го прегази Монако освојувајќи ја титулата од Францускиот суперкуп, кој се играше далеку од Франција, во кинескиот град Шенжен.
Во меч на шампионот од Лига 1 и од Францускиот куп, ПСЖ и минатогодишниот вице-шампион, Монако, имаше само еден фаворит и „светците“ уште еднаш покажаа дека ќе се апсолутни фаворити да ја освојат титулата и следната година.
Без Килијан Мбапе во составот и со Нејмар на клупата, новиот тренер на ПСЖ, Томас Тухел демонстрираше дека има доволно добар тим на „замени“ за да го совлада амбициозниот ривал од Монте Карло.
ПСЖ дојде во водство во 33. минута, кога Анхел ди Марија постигна фантастичен гол од слободен удар од далеку, за само седум минути подоцна, 20-годишниот Криштофер Нкунку да зголеми на 2:0 по убаво додавање од Нсоки.
? 41237 spectateurs ce soir au Shenzhen Universiade Sports Center ??
Une très belle ambiance pour ce #TDC2018 ??? #AllezParis pic.twitter.com/qt2MZklvO4
— Paris Saint-Germain ?? (@PSG_inside) August 4, 2018
Стенли Нсоки беше асистент и при третиот гол на Парижани, откако одлично влезе во шестнаесетникот за да му намести на Тимоти Веа во 67. минута. Веа, инаку, е синот на легендата на либерискиот фудбал, и актуелен претседател на оваа африканска нација, Џорџ Веа.
Кинеските фанови на ПСЖ, секако, добија шанса да го видат и Нејмар во акција, откако бразилската мега-ѕвезда влезе во игра на 15 минути пред крајот на мечот на местото на Марко Верати.
Ди Марија стави точка на натпреварот во 92. минута, кога ги постави конечните 4:0 по една брза контра предводена од Рабио.